Настаните ги собираат луѓето за дружење, за учење, за размена на искуства, за забава. Преку интеракцијата која настаните ја создаваат сакаме универзалните вредности на светот да ги донесеме кај нас, а на светот да му ги понудиме нашите искуства. Ова поле на работа е нашиот новооткриен свет кој во иднина ќе троши најголем дел од нашето време и енергија. Сиромаштијата и затвореноста се веројатно најголемиот проблем на Македонија во моментов. Големиот процент на невработеност и ниските плати не им оставаат на македонските семејства доволно пари за задоволување на нивните културни потреби. Голем дел од македонските граѓани никогаш не биле на изложба, во балет или во опера. Состојбата е особено тешка во помалите градови, каде дури нема ни кино. Огромен дел од граѓаните никогаш не биле во странство, а мали им се шансите и некогаш да отидат. Во тој празен простор доаѓаме ние. Во секој мал град, па и во Скопје, секој месец по барем еден културен настан. Културата на светот, музиката, филмот, играта, танцот, поезијата... Нови идеи, нови визии, поинакви луѓе, поинакви гледишта... И сето тоа – слободно за сите! А во следната фаза – и македонската култура претставена пред светот. Демократијата Е култура, културата Е демократија.